Девет македонски кошаркарски судии се најдоа на конечната листа од 55 арбитри кои ќе ги судат натпреварите во АБА лигата во сезоната 2026/27. Списокот во четвртокот го одобрија членовите на регионалната лига, објави АБА лигата.
На листата се Боро Антовски, Игор Темелков, Марио Маџоски, Петар Петровски, Стефан Ристовски, Владимир Михајловиќ, Александар Давидов, Дејан Зафировски и Никола Јакимовски.
Со девет претставници, Македонија е трета најзастапена земја на листата. Најмногу судии има од Босна и Херцеговина, дури 13, пишува Кликс, а следува Црна Гора со десет арбитри.
Од Хрватска на листата се шест судии, од Словенија четворица, а Србија има само еден претставник, Војкан Живковиќ, пренесуваат Новости.
Според АБА лигата, 24 судии, или 44 отсто, беа на листата и минатата сезона. Вкупно 43 арбитри, или 78 отсто, доаѓаат од балканските земји, а уште четворица се од Романија и Словачка, чии клубови исто така настапуваат во лигата.
Преостанатите осум судии се од други европски земји, а еден е од Америка. Просечната возраст на арбитрите на листата е 37 години.
Поради одложениот почеток на сезоната, судиската комисија побара околу шест недели за да ја заврши селекцијата. Во тој период почетната листа, која важеше од второто коло, постепено се прошируваше, а на крајот беа додадени уште 17 судии кои беа дел од списокот и минатата сезона.
Најмлади меѓу македонските арбитри на листата се Игор Темелков, Марио Маџоски и Дејан Зафировски, кои имаат по 30 години, а најискусен е 39-годишниот Боро Антовски.
















