Почетино му порача на Гвардиола да ја прифати клупата на САД

Маурисио Почетино
Фото: Bryan Berlin / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Маурисио Почетино, кој од среда станува тренер на Манчестер Јунајтед, изјави дека би му препорачал на Пеп Гвардиола да ја прифати функцијата селектор на САД доколку таа му биде понудена, пренесува Би-би-си.

Гвардиола (55) е на едногодишна пауза откако во мај се повлече од клупата на Манчестер Сити. Според повеќе медиуми, тој е еден од главните кандидати за наследник на Почетино, иако, според Би-би-си, засега немало формален контакт меѓу Шпанецот и Фудбалската федерација на САД.

„Ова е совршен момент да се дојде во федерацијата. Сè оди во вистинската насока. Секако, нека прифати. Нека прифати затоа што ќе најде навистина добри луѓе и добри играчи. Играчите можат да се вклопат во неговиот стил“, рече Почетино во понеделникот на средба со новинарите, пренесува Еспн.

„Ветувам дека по Светското првенство погледот од Европа е сосема поинаков. Да се биде селектор на САД сега е престижно. Манчестер Јунајтед дојде по селекторот на САД“, додаде Аргентинецот.

Почетино во вторник во Синсинати последен пат ќе ја предводи репрезентацијата на САД, во реваншот од четвртфиналето на Лигата на нациите на КОНКАКАФ против Хаити. Американците имаат предност од 6-0 од првиот натпревар во Мајами, а веднаш по мечот тој со приватен авион заминува за Манчестер.

Почетино потпиша договор со Јунајтед до јуни 2029 година и го заменува Мајкл Карик, кој беше отпуштен минатата недела, со клубот на 18то место, во зоната на испаѓање. Неговиот прв натпревар е гостувањето кај четвртопласираниот Ливерпул на Енфилд во недела.

Во Англија веќе пристигнаа неговиот долгогодишен помошник Хесус Перес, тренерот на голманите Тони Хименес и кондицискиот тренер, неговиот син Себастијано. Почетино посочи дека како селектор имал повеќе време за семејството, но дека му недостигал секојдневниот интензитет на клупскиот фудбал.