Тони Моубреј се повлече од клупата на Блекбурн поради здравјето

Стадионот Евуд Парк на Блекбурн
Фото: Ronnie Macdonald / Wikimedia Commons (CC BY 2.0)

Тони Моубреј се повлече од функцијата главен тренер на Блекбурн Роверс поради здравствени проблеми, објави англискиот клуб, пренесува Скај спорт.

На 62-годишниот тренер во 2024 година му беше дијагностициран рак на дебелото црево, поради што тогаш ја напушти клупата на Бирмингем. По оздравувањето, минатата година се врати во фудбалот во Вест Бромич, а во јуни по вторпат го презеде Блекбурн, наведува Гардијан.

https://x.com/Rovers/status/2122632108929585508

„За жал, поради здравствени проблеми, морам да се повлечам од функцијата главен тренер на Блекбурн Роверс. Неизмерно сум горд на оваа група играчи. Нивната посветеност и професионалност ни донесоа незаборавни настапи и победи, а уживав да работам со нив“, наведе Моубреј во соопштението.

„На навивачите, ви благодарам за начинот на кој ме поддржувавте мене и тимот оваа сезона. Секогаш се трудев да ви дадам тим на кој ќе бидете горди“, додаде тој, барајќи приватност за себе и за своето семејство во овој период.

„Нашите мисли се со Тони и неговото семејство додека тој се повлекува од своите обврски за да се посвети на здравјето. Тони, знај дека ја имаш нашата безусловна и непоколеблива поддршка“, изјави сопственикот на клубот Баладжи Рао.

Блекбурн одлично го започна второто поглавје со Моубреј. Иако многумина му предвидуваа испаѓање, тимот е 13ти во Чемпионшипот, на само три бода од зоната за плеј-оф, а во последниот натпревар пред репрезентативната пауза го совлада Вест Хем со 2-1.

Првиот тим засега ќе го водат Дамиен Џонсон и Мајк Додс, почнувајќи од натпреварот против Бернли в недела. Од клубот соопштија дека нема да даваат дополнителни изјави на оваа тема.