Поранешниот светски шампион во бокс во три категории, Хорхе Линарес, е приведен од американската Служба за имиграција и царини (ИЦЕ) во Тексас, потврдија самиот боксер и неговите адвокати, пренесува АФП.
41-годишниот Венецуелец во неделата на социјалните мрежи напиша дека ИЦЕ го држи во Ел Пасо, Тексас, додавајќи: „Какво лудило.“ Според американските медиуми, кои се повикуваат на евиденцијата на Министерството за татковинска безбедност, тој е сместен во центарот за обработка во Ел Пасо.
„Господинот Линарес легално престојува во САД и целосно соработува со властите. Тесно соработуваме со ИЦЕ и со Министерството за татковинска безбедност за ова прашање да се реши што е можно побрзо“, соопшти адвокатската канцеларија што го застапува.
„Уверени сме во правната позиција на господинот Линарес и очекуваме ова прашање да се реши кога ќе заврши постапката. Ги молиме неговите поддржувачи, медиумите и јавноста за трпение“, додаваат адвокатите.
„Можам да потврдам дека мојот пријател Хорхе Линарес, поранешен светски шампион на ВБА, е во притвор на ИЦЕ. Со неговиот случај се занимаваат адвокати за имиграција, а јас сум во постојан контакт со неговото семејство. Како претседател на ВБА, секогаш ќе ги поддржувам нашите шампиони, во рингот и надвор од него. Биди силен, Хорхе“, напиша претседателот на ВБА, Хилберто Мендоза.
Линарес, познат како „Златното момче“, освојуваше светски титули во перо, суперперо и лесна категорија. Првата светска титула ја освои во 2007 година, титулата на ВБА во суперперо категорија ја држеше од 2008 до 2009 година, а титулите на ВБА и ВБЦ во лесна категорија од 2014 до 2018 година.
Тој се повлече по поразот од Британецот Џек Катерал во октомври 2023 година, во последната од вкупно 56 професионални борби, од кои победи во 47. Линарес живее во Мајами и во САД се борел повеќе од десет пати, наведува Би-би-си.















