Мерцедес на трката за Големата награда на Лас Вегас овој викенд ќе донесе подобрен турбополнач, но новиот дел ќе го користи само светскиот шампион Кими Антонели, пренесува Скај спорт.
Тимот во јуни доби можност за едно подобрување на погонската единица, откако Меѓународната автомобилска федерација утврди дека неговиот мотор со внатрешно согорување заостанува повеќе од два отсто зад најдобриот, кој неочекувано беше оној на Ред Бул. Ферари, Ауди и Хонда, кои заостануваа повеќе од четири отсто, добија по две можности и веќе ги искористија.
Џорџ Расел веќе искористи пет турбополначи, еден повеќе од дозволеното, па шести би значел нова казна од пет места на стартната позиција. Британецот поради промена на моторот веќе стартуваше пет места поназад на трката во Сао Паоло.
„Од овој викенд ќе ја имаме на располагање новата спецификација на турбополначот. Станува збор пред сè за проверка на развојот во услови на трка, а очекуваната предност е релативно мала. Планираме да ја користи Кими, а кај Џорџ приоритет е да ја заштитиме стартната позиција“, изјави шефот на тимот, Тото Волф, во службениот преглед на Мерцедес пред трката.
Мерцедес сега сака да му помогне на Расел да заврши на второто место во генералниот пласман. Британецот е трет со 262 бода, 17 зад Макс Верстапен и само еден бод пред Луис Хамилтон, а во борбата за второто место се и Шарл Леклер (249) и Ландо Норис (246).
Антонели ја обезбеди титулата на трката во Мексико, а Мерцедес на следната трка, во Бразил, ја освои и титулата кај конструкторите. Тимот има 12 победи оваа сезона, но само една во последните пет трки.
До крајот на сезоната остануваат уште три трки. Квалификациите во Лас Вегас се во сабота, а трката во недела, и двете со почеток во 5 часот наутро според нашето време.
















