Формула 1 од 2030 година повторно би требало да користи осумцилиндрични мотори, откако ФИА, сопственикот на шампионатот и производителите на погонски единици постигнаа начелен договор за нова техничка рамка, пренесува Спидвик.
Предлогот предвидува 2,1-литарски турбо V8 мотор со ограничена хибридна компонента, кој ќе работи на одржливи горива. Болидите треба да станат полесни, поедноставни и поевтини, а целта е подобро и поатрактивно возење на патеката.
Договорот е постигнат по состанокот на Комисијата на Формула 1 во понеделникот во Лондон. Главен двигател на промената е претседателот на ФИА, Мохамед бин Сулајем, со поддршка на извршниот директор на Формула 1, Стефано Доменикали, наведува Џи-пи уан.
Новиот технички циклус првично беше планиран за 2031 година, но сега би започнал една година порано, со што сегашните правила би важеле до крајот на 2029 година. Комисијата го поддржа предлогот, но под услов да се согласат производителите на мотори.
Одлуката сè уште не е конечна. Дефинитивната рамка треба да ја одобри Светскиот совет за мотоспорт на ФИА на седницата во Шангај во декември, а дел од техничките детали, пред сè моќноста на хибридниот систем и турбополнењето, допрва треба да се дефинираат.
Сегашните правила, со V6 мотори и голем удел на електрична енергија, важат од оваа сезона и наидоа на многу критики од навивачите и возачите, кои се жалат дека уделот на електричната енергија е преголем, а управувањето со енергијата е непредвидливо и комплицирано.
Формула 1 последен пат користеше V8 мотори во 2013 година, но тоа беа атмосферски мотори со зафатнина од 2,4 литри. Поедноставувањето треба значително да ги намали трошоците за развој и производство, што би можело да привлече и нови производители во шампионатот.
















