Марсеј го совлада Левски Софија со 1-0 во петтото коло од лигашката фаза на Лига Европа, но натпреварот на „Велодром“ беше засенет од насилството на трибините. Петмина навивачи на бугарскиот шампион беа пренесени во болница, објави Би-Би-Си.
Десетина минути пред почетокот на натпреварот, неколку навивачи на Марсеј истрчаа од трибината наменета за домашните навивачи и, според Би-Би-Си, се упатија кон група бугарски навивачи. Тие упаднаа во секторот за гостинските навивачи, во кој имаше околу 500 приврзаници на Левски, а меѓу двете групи летаа предмети и факели.
„Пет лица се пренесени во болница со повреди на очите, повреди на главата и со исчашено рамо. Уште шест лица добија помош на самото место за разни повреди“, соопшти полициската префектура во Марсеј. Според полицијата, сите повредени се Бугари, а во тој момент немаше информации за приведени лица.
Францускиот претседател Емануел Макрон разговараше со бугарскиот премиер Румен Радев и „со најголема сила“ ги осуди насилствата, кои, како што рече, немаат место ниту во спортот ниту во јавниот простор. Тој вети дека насилствата нема да останат неказнети. Бугарската претседателка Илијана Јотова ги оцени снимките како шокантни. „Секој треба да може да го поддржува својот тим без да се плаши за својата безбедност“, порача таа.
Бугарскиот фудбалски сојуз го пријави инцидентот во УЕФА и побара најстроги казни, а бугарското Министерство за надворешни работи најави дипломатска нота до Франција со барање за целосна истрага, пренесува бугарската агенција БТА. Марсеј соопшти дека се обидува да ги утврди точните околности во кои се случиле инцидентите.
Обезбедувањето успеа да ја смири ситуацијата и натпреварот почна навреме, иако имаше нови тензии меѓу навивачите, особено за време на паузата меѓу двете полувремиња. Единствениот гол го постигна Амин Гуири од пенал во 28мата минута, откако Алдаир направи прекршок врз Ангел Гомес. На почетокот на второто полувреме Гуири имаше можност да постигне уште еден гол, но голманот Светослав Вуцов го одбрани неговиот втор пенал, пренесува Марка.
„Ова е многу жална епизода. Ваквите инциденти се неприфатливи за фудбалот. Ги поддржувам навивачите кои се најдоа во овој инцидент и се надевам дека не се случило ништо сериозно“, изјави тренерот на Левски, Хулио Веласкес. „Живееме во насилни времиња во нашето општество, затоа ова е многу, многу жално“, рече тренерот на Марсеј, Бруно Женезио.
По пет одиграни кола, Левски има седум бода, а Марсеј шест, според Би-Би-Си.
















