Реал со победа се враќа од Дортмунд, Ливерпул повторно се „лизна“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Дербито на вечерта кое се одигра во Дортмунд му припадна на екипата на Реал Мадрид која со 3:1 славеше на „Сигнал Идуна Парк“.

Првото големо возбудување се случи во 14. минута кога Серхио Рамос играше со рака во својот шеснаесетник, но судијата Кујперс не досуди на белата точка. Само четири минути подоцна Реал Мадрид поведе со одличниот гол на Герет Бејл.

Реал постигна и втор погодок во 50. минута преку Кристијано Роналдо. Сепак тоа не значеше крај за домаќините затоа што само четири минути подоцна Обамејанг го намали резултатот на 2:1.

Прашањето на победникот го реши Кристијано Роналдо во 79. минута кога му побегна на Топрак и го совлада Темо Бурки.

Во истата група Тотенхем без проблеми славеше на гостувањето во Кипар против Апоел со 3:0. Јунак на натпреварот беше Хари Кејн кој ги постигна сите погодоци.

Во групата Е, Севилја ја оправда фаворитската улога против Марибор и славеше со 3:0. Големо изненадување во оваа група приреди Спартак кој во Москва го сопре Ливерпул и одигра без победник, 1:1.

Избраниците на Клоп и по второто коло ја чекаат првата победа во Лигата на Шампионите откако во првото коло ремизираа со Севилја.

Спартак прв стигна до водство со голот на Фернандо од слободен удар, додека пак израмнувачкиот погодок за Ливерпул го постигна Фелипе Кутињо по одлична соработка со Мане.

Наполи и Манчестер Сити ги искористија фаворитските улоги и славеа очекувнаи победи против Феенорд односно Шахтјор. Италијанците со головите на Инсиње, Мертенс и Калјехон го совладаа претставникот на Холандија.

Манчестер Сити во првото полувреме не успеа да го скрши отпорот на Шахтјор, но по само три минути игра во второто полувреме Де Брајн погоди за водство на „Граѓаните“. На средината на второто полувреме Агуеро не искористи удар од белата точка, но надежите на гостите ги уништи Стерлинг кој во 90. минута погоди за 2:0.

Резултати:

АПОЕЛ- Тотенхем 0:3

Бешикташ- РБ Лајпциг 2:0

Б. Дортмунд- Реал Мадрид 1:3

Манчестер Сити- Шахтјор 2:0

Монако- Порто 0:3

Наполи- Феенорд 3:1

Севилја- Марибор 3:0

Спартак Москва- Ливерпул 1:1