Македонка освои златен медал на меѓународен натпревар во кинески боречки вештини


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Златен медал во традиционални кинески боречки вештини (вушу) освои Македонката Ирина Андреевска во Кина. Таа во изминатиот месец (17-20 ноември) учествуваше на шестиот Меѓународен натпревар по кинески боречки вештини, организиран од страна на Кинеската вушу федерација, во градот Сјиамен.

Андреевска освои златно одличје во стилот „сингјичуан“(xingyiquan), кој моментално го вежба, а во конкуренција на 17 натпреварувачки, од кои една Србинка, една Португалка и останатите Кинескињи. Ирина е студент по кинески боречки вештини (едногодишна програма) на Bejing Sports University. Минатата година дипломира на Renmin University of China на катедрата по филозофија.

„Ова е првпат Македонија да учествува на меѓународен натпревар по вушу во Кина, а чувството да се претставува сопствената земја на ваков натпревар и да се освои злато е незаменливо. Пред сѐ, благодарна сум ѝ на мојата менторка и професорка Ли Чјао Линг која освен што е едно од најважните имиња во светот на традиционалните кинески вештини и една од централните судии во Светската вушу федерација, е одлична професорка која знае како да го пренесе знаењето, кое претставува дел од богатата кинеска култура“- коментираше Ирина.