Лука Дончиќ со 32 поени, 10 асистенции, осум скока и пет украдени топки ги предводеше Лос Анџелес Лејкерс до победа на гостувањето кај Атланта Хокс со 124-114. Ова е шеста последователна победа за Лејкерс, кои се на врвот на Западната конференција со скор 10-2.
Словенецот се врати по отсуството во неделата поради затегнатост во долниот дел од грбот. Овој пат во составот на Лејкерс ги немаше Остин Ривс, кој претходната вечер постигна 43 поени во Детроит, поради болест, и Квентин Грајмс, кој го повреди прстот, пишува Лос Анџелес Тајмс.
Дончиќ немаше добар шутерски настап, но по трет пат оваа сезона забележа двоцифрен број асистенции. Пред натпреварот имаше најдобар просек во лигата од 40,1 поен.
Сандро Мамукелашвили постигна 23 поени и осум скока како резервист, Вокер Кеслер имаше 21 поен и 10 скока, а Колин Секстон 18 поени и шест асистенции. Тренерот Џеј Џеј Редик изјави дека ова е најдобриот натпревар на Мамукелашвили во дресот на Лејкерс.
Лејкерс направија серија од 13-0 на крајот од првата четвртина, а во втората имаа и предност од 20 поени. Атланта сега има скор 7-5.
Дончиќ во понеделникот беше прогласен и за најдобар играч на неделата во Западната конференција. Лејкерс следниот натпревар го играат во среда на гостувањето кај Милвоки.
Своите први поени во НБА ги постигна и новајлијата Камерон Кар, со забивање по додавање од Дончиќ, кој по натпреварот ја зеде топката и му ја подари за спомен.
Во другите натпревари, Голден Стејт го прегази Њу Орлеанс со 138-87 за осма победа во низа. Стеф Кари и Брендин Поџемски постигнаа по 25 поени, а Кари со 26.803 поени во кариерата го престигна Демар Дерозан и се искачи на 16тото место на вечната листа на стрелци во НБА, пренесува Спортснет.
















