Бразилскиот напаѓач на Реал Мадрид, Ендрик, не ја исклучи можноста да го смени клубот во зимскиот преоден рок за да добие поголема минутажа, но порача дека нема да брза. Тој зборуваше на првата прес-конференција на Бразил во Сингапур, каде што селекцијата на Карло Анчелоти се подготвува за пријателските натпревари против Јапонија и Сингапур.
„Не знам што ќе се случи во јануари. Тоа е во Божји раце. Барам само да го направам најдоброто за мојата кариера. Што ќе се случи, ќе се случи. Ќе останам со нозете на земја за да го дадам најдоброто од себе“, изјави 20-годишниот напаѓач, пренесува Естадао.
„Многу сум млад. Сè уште не морам да летам и да се фрлам од карпа. Имам само 20 години и ќе видам што ќе се случи. Само сакам да играм, да бидам среќен, да им помагам на соиграчите, да постигнувам голови и да давам асистенции, како што можев во Лион. Тоа беше едно од најубавите нешта што ми се случиле во животот“, додаде тој.
Ендрик минатата зима беше позајмен на Лион, каде што на 21 натпревар постигна осум гола и забележа осум асистенции. Оваа сезона во Реал, по повредата на почетокот, има само 141 минута на теренот, со четири настапи во шпанското првенство, три во Лигата на шампионите и еден постигнат гол.
„Мадрид е прекрасен град, но секогаш ќе направам сè што можам за да ја унапредам својата кариера. Знам дека на мојата позиција го имам еден од најдобрите играчи во светот, Килијан Мбапе“, рече Ендрик.
Бразилецот имаше пофални зборови и за тренерот Жозе Мурињо. „Мурињо е личност на која многу ѝ верувам. Секој ден доаѓа кај мене и ме прашува како сум, но не за фудбалот, туку секогаш за мојот приватен живот. Многу го ценам тоа“, рече тој, а неговите изјави ги пренесува и Глобо.
Според италијанските медиуми, Рома на Џан Пјеро Гасперини е во предност во трката за Ендрик и работи на позајмица со опција за откуп, но од Реал Мадрид досега нема официјална потврда за преговори.
















