Исланд стравува за Магнусон пред дуелот со Македонија на СП

Омар Инги Магнусон во дресот на Магдебург
Фото: Макс Петерсханс / Викимедија комонс (CC BY-SA 4.0)

Исландскиот репрезентативец Омар Инги Магнусон ќе отсуствува подолго време поради повреда, а под знак прашалник е и неговиот настап на Светското првенство во јануари, на кое Исланд е во иста група со Македонија.

Десниот бек на Магдебург се повреди минатата недела на гостувањето кај данскиот ГОГ во Лигата на шампионите. Тренерот Бенет Вигерт по победата со 33-22 на гостувањето кај Хамбург во Бундеслигата потврди дека исландскиот ас ќе паузира подолго време.

„Нема да даваме никакви прогнози. Сега ќе почекаме и ќе видиме дали ќе можеме да го вратиме на терен во календарската 2026 година“, изјави Вигерт, пренесува Хандбол волд.

Исландскиот портал Хандкастид пишува дека Магдебург не очекува Магнусон повторно да заигра оваа година. Германскиот шампион до крајот на годината има уште девет натпревари, па исландскиот ракометар би можел да се врати на теренот дури на подготвителните натпревари на Исланд пред Светското првенство.

Магдебург во Хамбург остана и без Матијас Муше и Оскар Бергендал, кои предвреме го напуштија теренот поради повреди, а постои сомневање дека шведскиот пивот доживеал потрес на мозокот, пишува Х болд. Германскиот тим веќе в четврток игра против Спортинг во Лигата на шампионите.

Магнусон е еден од клучните играчи на Исланд, а неговата повреда предизвикува загриженост и во репрезентацијата, бидејќи Светското првенство во Германија почнува во средината на јануари.

Македонија и Исланд се во групата Х, чии натпревари ќе се играат во Магдебург, во салата во која Магнусон настапува за својот клуб. Македонија го отвора првенството на 15 јануари против Јапонија, потоа на 17 јануари игра против Бахреин, а групната фаза ја завршува на 19 јануари со дуелот против Исланд, кој почнува во 20:30 часот.

Исланд најпрво ќе игра против Бахреин и Јапонија, па до дуелот со македонската репрезентација ќе се знае дали Магнусон ќе успее да закрепне.