Младеновска по петте гола против Србија: Добар почеток - мора да веруваме во себе

Ива Младеновска, стрелец на пет гола во победата против Србија, оцени дека стартот на „Трофеј Македонија“ е добар мотив за македонската женска ракометна репрезентација и дека клучот е да се верува во сопствениот квалитет.

На клупата на националниот тим дебитираше новиот селектор Игор Марковиќ, кој најави дека претстои многу работа до посакуваниот изглед пред Европското првенство. Младеновска вели дека екипата сѐ уште се прилагодува на новиот систем.

„Мислам дека ова е многу добар почеток за нас и момент што ни дава добра мотивација за понатаму. Имаме нов селектор, сѐ уште се прилагодуваме, сите работи ни се нови, но мислам дека со овој нов систем можеме да направиме многу успех“, изјави Младеновска за SportSport.

Таа нагласи дека квалитетот во селекцијата не недостасува и дека самодовербата мора да биде дел од секојдневната работа.

„Имаме квалитет, отсекогаш сме имале квалитет, треба да веруваме во себе и со работа може да постигнеме многу. Очекуваме добри натпревари со Црна Гора и со Хрватска, но и Србија има квалитет, покажавме дека можеме да играме со секого“, додаде таа.

Според Младеновска, на турнирот има добра конкуренција, но без преголема разлика меѓу екипите – што дополнително ја зголемува вредноста на секој меч.

Македонија денеска од 17:30 часот ја пречекува Црна Гора во СЦ „Билјанини Извори“, со слободен влез за публиката.

Петте гола на Младеновска против Србија се рана потврда дека офанзивниот квалитет е тука – сега фокусот е на континуитет во следните дуели.