Од болнички кревет до херој на Австрија: Ова е Србинот кој го слави цела земја


Зошто проблемот со улични кучиња СÈ УШТЕ постои? | Уште еден поткаст ↓↓↓


Фудбалерите на Австрија, по голема драма и нерешен резултат против Алжир (3:3), успеаја да се пласираат во осминафиналето на Светското првенство, а херој беше Србинот – Саша Калајџиќ.

Австријците беа на работ на бездната по голот на Марез во 93. минута, но Калајџиќ три минути подоцна со глава ја испрати топката во мрежата на Алжир и со тоа ја заокружи својата животна приказна која беше сè, само не лесна! Над илјада денови во текот на кариерата Калајџиќ ги помина во пеколот на повредите, а во продолжение на текстот можете да прочитате што сè му се случуваше…

Калајџиќ е играч кој на своја кожа ја почувствува суровата страна на модерниот фудбал, бидејќи повредите речиси му ја уништија кариерата. Сè започна во Адмира Вакер, каде овој дваесетосумгодишник ги направи првите чекори во сениорскиот фудбал. Токму тогаш, за време на дебитантската сезона, ја скрши метатарзалната коска и изостана 25 натпревари. Наскоро следеа нови проблеми со зглобот и коленото, кои го оддалечија од тренажниот процес дополнителни 140 дена.

Дека е збор за исклучителен малер сведочи податокот дека дури три пати ги скина предните вкрстени лигаменти на коленото, поради што над илјада денови ја помина надвор од теренот. Овие несреќи го следеа од Адмира, преку Штутгарт, каде новите тешки повреди постојано го оддалечуваа од теренот на подолги периоди.

И покрај ужасното здравствено досие, клубовите не ја губеа вербата во неговиот огромен потенцијал. Пазарната вредност на овој голгетер во еден момент изнесуваше дури 19 милиони евра, иако спортската иднина му висеше на конец. Саша секој пат успеваше да пронајде неверојатна ментална сила, да се врати на теренот и да докаже дека е посилен од судбината.

Пресврт во неговата кариера беше враќањето во татковината, каде во дресот на ЛАСК Линц повторно експлодираше. Благодарение на одличните натпревари, голови и асистенции во австриското првенство, привлече внимание на јавноста и доби повик од селекторот за Светското првенство.