Почина Алан Џонс, шампионот во Формула 1 од 1980 година

Болидот Вилијамс FW07B на Алан Џонс
Фото: Tony Hisgett / Wikimedia Commons (CC BY 2.0)

Светскиот шампион во Формула 1 од 1980 година, Австралиецот Алан Џонс, почина на 80-годишна возраст. Тој беше првиот возач кој ја освои титулата со Вилијамс и последниот Австралиец кој стана шампион во Формула 1, пренесува Би-би-си.

Веста ја потврди неговата сопруга Аманда Батлер-Дејвис преку соопштение објавено од Моторспорт Австралија. „Длабоко сме тажни што мораме да го објавиме заминувањето на нашиот сакан Алан, кој почина на 5 ноември по кратко боледување. Ќе ни недостасува и ќе остане во убаво сеќавање на најблиските, но и на бројните навивачи за чија поддршка секогаш беше благодарен“, се вели во соопштението.

„Алан го посвети својот живот на моторните спортови и остави наследство што ќе живее преку безбројните луѓе што ги допре по патот“, додаде семејството. Џонс наполни 80 години во понеделникот.

Титулата во 1980 година

Роден во Мелбурн, Џонс во 1970 година замина во Европа за да го следи својот сон. Во Формула 1 дебитираше во 1975 година со Хескет, а првата победа ја прослави во 1977 година на Големата награда на Австрија, возејќи за Шедоу, пишува Гардијан.

Во 1978 година премина во Вилијамс, каде што ги постигна најголемите успеси. По третото место во шампионатот во 1979 година, следната сезона победи на пет трки, во Аргентина, Франција, Велика Британија, Канада и САД, а уште пет пати се искачи на подиумот. Титулата ја обезбеди една трка пред крајот, пред Бразилецот Нелсон Пике.

Така стана вториот Австралиец со титула светски шампион, по Џек Бребам, кој титулата ја освои во 1959, 1960 и 1966 година. Вилијамс подоцна освои уште шест титули кај возачите, но Џонс остана првиот шампион на британскиот тим.

12 победи во кариерата

Во кариерата во Формула 1, Џонс забележа 12 победи на Големи награди, а од овој шампионат се повлече во 1986 година. Во други натпреварувања настапуваше сè до 2002 година, а подоцна се истакна и како телевизиски коментатор, познат по своите директни анализи.

Организаторите на Големата награда на Австралија потсетија дека неговата победа на домашната трка во 1980 година е последниот триумф на австралиски возач на таа трка. „Неговата светска титула од 1980 година инспирираше цела генерација австралиски љубители на моторните спортови“, се вели во нивното соопштение, пренесува Еј-би-си.

Зад себе ги остава сопругата Аманда и шест деца.