Шпанија денеска, најрано во 17 часот, во Болоња ќе игра против Австрија во четвртфиналето на завршниот турнир на Дејвис купот, а Карлос Алкарас, како што се најавуваше, нема да настапи во сингл. Првиот тенисер на Шпанија е резерва и ќе настапи само во играта во двојки, доколку таа биде потребна, пишува Марка.
Дуелот ќе го отворат Даниел Мерида и Лукас Нојмаер. Мерида, кој е 42ри на светската ранг-листа, бил на одмор кога на 15 ноември селекторот Давид Ферер го повикал како замена за повредениот Алехандро Давидович. Неговиот 24-годишен ривал е 157ми на светската ранг-листа, а никогаш не бил подобро пласиран од 152рото место.
Во вториот меч во сингл Рафаел Ходар ќе игра против Јуриј Родионов, а доколку биде потребен меч во двојки, Алкарас и Марсел Гранолерс ќе играат против Нил Оберлајтнер и Лукас Мидлер.
Ходар во Болоња пристигнува како рекордер. Тој ја започна сезоната како 165ти тенисер во светот, а ја заврши на 10тото место, што претставува скок од 155 позиции. Со тоа го собори рекордот на Андре Агаси, кој во 1998 година се искачи од 110тото на шестото место, објави АТП.
20-годишниот Шпанец во својата прва сезона на АТП-турнирите ја освои првата титула во Маракеш, стигна до финалето на турнирот од серијата мастерс во Шангај и до четвртфиналето на Ролан Гарос, а со 45 победи се пласираше и на завршниот турнир. „Ова многу ми значи. Мислам дека ја завршив работата, работев многу напорно и многу добро годинава“, изјави Ходар.
Според Скај спорт Италија, Алкарас се враќа во Дејвис купот по две години, а за Ферер ова е последен настап во Дејвис купот како селектор. Шпанија се стреми кон второ последователно полуфинале, додека Австрија не играла во полуфиналето од 1990 година.
Шпанија се бори за седмата титула во Дејвис купот, а последната ја освои во 2019 година во Мадрид, потсетува Марка.
Победникот од овој дуел во полуфиналето, во сабота од 12 часот, ќе игра против Велика Британија или Германија, кои својот четвртфинален дуел го играа претходно во четвртокот, наведува Еуроспорт. Во другото полуфинале, во петок од 16 часот, бранителот на титулата Италија ќе игра против Чешка, а финалето е во недела.
















