Веспрем и Магдебург со три победи од три натпревари во Лигата на шампионите, ПСЖ со рекордни 46 гола против Целје

Ракометната Лига на шампионите се врати по двонеделната пауза со пет натпревари од третото коло во средата. Веспрем и Магдебург ја продолжија совршената серија, Париз Сен Жермен собори два клупски рекорда, а Кринс-Луцерн ја прослави првата победа во својата историја во елитното натпреварување, објави EHF Champions League.

Магдебург ја доби репризата на финалето од 2023 година

Најголемиот дуел на вечерта, одигран во Хала Легионов, заврши со победа на Магдебург од 35-30 (19-17) на гостувањето кај Кјелце, во реприза на финалето од сезоната 2022-23. Германскиот шампион водеше со најмногу четири гола разлика во првото полувреме, но Кјелце, предводен од Жилиен Бос, изедначи во 27та минута. По паузата, Доминик Кузмановиќ на голот се надоврза на одбраните на Матеј Мандиќ, а исландскиот двоец Омар Инги Магнусон и Гисли Кристјансон постигна 22 гола, по 11 секој.

Алекс Влах со осум гола беше најдобар стрелец кај домаќините. „Да победиш во Кјелце никогаш не е лесно, атмосферата тука е фантастична. Кога ќе земеш два бода со пет гола предност, тоа е многу добар резултат“, изјави тренерот Бенет Вигерт за SC Magdeburg. Двата тима повторно ќе се сретнат следната недела, во Магдебург.

Веспрем без милост во Белград

Шест дена по освојувањето на Светското клупско првенство, Веспрем го совлада Партизан во Белград со 37-26 (17-12). Данскиот голман Емил Нилсен имаше 24 одбрани, а Веспрем во 53та минута стигна до предност од десет гола. Иван Мартиновиќ со шест гола беше најефикасен кај гостите, исто колку и Уладзислау Кулеш кај Партизан.

Партизан, предводен од Раул Гонзалес, поранешниот тренер на Вардар и селектор на Македонија, остана без бод по три кола. „Нивниот голман одбрани 24 удари и беше невозможно. Но мислам дека сме подобри, не многу, но тимот напредува“, изјави шпанскиот стратег.

Рекорд за ПСЖ, историја за Кринс-Луцерн

Париз Сен Жермен го победи Целје со 46-35 (25-16). Бјарки Мар Елисон и Елохим Пранди постигнаа по седум гола, а Аљуш Анжиц со девет беше најдобар стрелец кај Словенците. ПСЖ ги собори клупските рекорди за најмногу постигнати голови на еден натпревар и за најмногу голови постигнати од двата тима заедно во Лигата на шампионите.

Кринс-Луцерн по два пораза ја забележа првата победа во историјата на натпреварувањето, со 34-32 против Колстад. Жером Милер постигна десет гола, вклучувајќи го и одлучувачкиот во последната минута. ГОГ славеше во Кристијанштад со 37-32, иако Ејнар Браги Адалштејнсон постигна десет гола за шведскиот тим, а натпреварот беше прекинат на неколку минути поради лажен пожарен аларм.

Третото коло продолжува во четврток, кога Вардар во „Јане Сандански“ од 20:45 часот ја пречекува Висла Плоцк во потрага по првите бодови во групната фаза.