Вардарци го совладаа убедливо Нексе за прва победа во 2017-та година


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Ракометарите на Вардар го победија Нексе со 37:29 во натпревар од СЕХА лигата.

Двата погодоци на Чупиќ и едниот на Дибиров му донесоа водство од 3:0 на почетокот на натпреварот на Вардарци. Јаман и Мрџеновиќ со два погодоци во низа намалија на 3:2.

Чупиќ и Марсениќ го вратија водството од три погодоци, 6:3. После дванаесет минути игра Вардар имаше четири погодоци предност, 8:4.

Гаџа и два пати Зрниќ погодија за 9:8. Вардарци преку Дибиров и Стоилов стигнаа до три погодоци предност, 12:9.

Четири минути пред крајот на натпреварот ракометарите на Нексе израмнија, 13:13. Недановски постигна погодок пред крајот на првото полувреме за минимално водство на Вардар на полувреме, 17:16.

 

Нексе за прв пат имаше водство на натпреварот во 33-та минута кога Етер погоди за 17:18. Чупиќ и Диборов погодија два пати во низа и го вратија водството на црвено црните, 19:18.

Гостите со погодоците на Сршен и Сакиќ стигнаа до водство од еден погодок, 20:21. Следуваше серија од четири погодоци на Вардарци. Карачиќ, Дибиров, Шишкарев и Стоилов зголемија на 24:21.

Двата брзи погодоци на Зрниќ ја намалија негативата на Нексе на само еден погодок, 24:23. Дибиров, два пати Чупиќ, Шишкарев и Македа погодија за 29:23.

Седум минути пред крајот на натпреварот Вардар имаше предност од 8 погодоци, 32:24. На крајот Вардар победи со 37:29 и ја запиша 13-та победа оваа сезона во СЕХА.

Вардар до победа беше предводен од Иван Чупиќ кој постигна 8 погодоци. Тимур Дибиров постигна 6, а Хорхе Македа 4 погодоци. Кај Нексе најефикасен беше Ведран Зрниќ со 7 погодоци.