Шампионски настап на теквондистите од Охрид во Романија


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Викендов во Ордеа, Романија се одржа меѓународниот ИТФ теквондо турнир од А класа „Романија Опен 2017“ кој е најсилен за пролетната натпреварувачка сезона.

На турнирот теквондо клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец, Охрид беше претставуван од пет натпреварувачи. Покрај македонските теквондисти во Романија учество зедоа и теквондисти од десет други земји од регионов: Романија, Бугарија, Србија, БиХ, Унгарија, Австрија, Молдавија, Чешка, Словенија.

Во Ордеа присутни беа и првите луѓе на интернационалната теквондо федерација (ИТФ), генералниот секретар Ким Сунг Хван, потпретседателот на федерацијата Марио Богданов и Гранд Мастерот, Ким Унг Чол.

Претставниците на „Хва Ранг ИТФ“ имаа фантастичен настап освојувајќи три златни медали, еден сребрен и два бронзени.

Македонските натпреварувачи кои се појавија на турнирот во Ордеа:

Давид Крстески настапи во три дисциплини: форми кадети 6-5 куп и борби кадети -35 кг и специјални техники кадети.

Марио Крстески настапи во две дисциплини: форми кадети 8-7 куп и борби кадети -35 кг

Божидар Димитриевиќ настапи во две дисциплини: форми кадети 4-3 куп и борби кадети +58 кг

Филип Трифуноски настапи во три дисциплини: форми кадети 8-7 куп и борби кадети -55 кг специјални техники кадети.

Хриситјан Митрески настапи во две дисциплини: форми кадети 4-3 куп и борби јуниори -69 кг.

„Како и на секој турнир имаме по некој натпреварувач кој пријатно не изненадува и не прави горди што сме Македонци. На овој турнир најголемо изненадување приредија Марио Крстески и Филип Трифуноски.

Марио Крстески освои златен медал во форми, а беше оштетен од судиите во финалниот натпревар во борби иако беше за класа подобар од противникот и со тоа освои „само“ сребрен медал.

Филип Трифуноски својата супериорност ја демонстрираше во специјалните техники каде од 17 кадети го освои првото место и се закити со златниот медал иако ова му беше прв пат да се натпреварува во оваа дисциплина. Во борби Филип ја освои бронзата.

Божидар Димитриевиќ очекувано го зеде златниот медал во борби и со тоа го потврди квалитетот кој ни го прикажа во Љубљана каде даде два нокаути со вртен удар.

Давид Крстески на овој турнир стигна до полуфиналето и се закити со бронзен медал. Христијан Митрески само што влезе во најтешката јуниорска категорија и за жал не успеа да се закити со медал.“- потенцираше тренерот на клубот Марјанчо Лазаревски, црн појас IV дан.

Како што велат од клубот тие се презадоволни од настапот во Романија, а нашите натпреварувачи јавно биле пофалени од страна на раководството на ИТФ.

Од Хва Ранг Итф упатуваат голема благодарност до генералниот спонзор „ПН Метал“кој и овој пат е најзаслужен за нивното учество на еден престижен турнир.