Младинската репрезентација на Македонија до 17 години го започна првиот квалификациски круг за Европското првенство со голема победа од 3-2 над Унгарија, по пресврт од 0-2. Херој на натпреварот во Трабзон беше Стефан Ристиќ, кој ги постигна сите три гола за македонската селекција.
Унгарија поведе уште во 8мата минута преку Арон Хорват. Македонските фудбалери имаа неколку солидни обиди во првото полувреме преку Полимец, Ристиќ и Крстевски, но не успеаја да изедначат до паузата.
На почетокот на второто полувреме, во 48мата минута, унгарскиот капитен Тимот Фаркаш го зголеми водството на 2-0. Само седум минути подоцна, во 55тата минута, Ристиќ го намали заостанувањето и ја врати неизвесноста.
Македонија продолжи да притиска, а во 66тата минута Велески имаше обид за изедначување. Ристиќ во 86тата минута, по додавање на Матеј Николов, изедначи на 2-2, а во четвртата минута од судиското надополнување го постигна и третиот гол за целосен пресврт и победа.
Селекторот Иљами Исејни ја започна средбата со Илан Мемети на голот, Адријан Велески, Павлов, капитенот Масев, Амар Аќики, Александар Полимец, Дардан Адеми, Стефан Ристиќ, Мартин Крстевски, Илија Аксентиев и Огнен Сивевски. Во текот на натпреварот шанса добија Боби Недановски, Рон Мемеди, Матеј Николов, Матеј Бочески и Филип Ѓорѓиевски.
Македонија игра во групата 11 од првиот квалификациски круг, кој се одржува во Трабзон од 11 до 17 ноември, заедно со домаќинот Турција, Унгарија и Сан Марино, соопшти Фудбалската федерација на Македонија. Во второто коло, на 14 ноември, македонската селекција ќе игра со Сан Марино, а на 17 ноември ќе го заврши настапот против Турција.
Првите две репрезентации од секоја група се пласираат во вториот квалификациски круг, во Лигата А, додека останатите продолжуваат во Лигата Б. Во вториот круг, напролет 2027 година, 28 репрезентации во Лигата А ќе се борат за седум места на завршниот турнир во Летонија, кој ќе се игра од 24 мај до 6 јуни 2027 година.
Со победата на стартот, младите македонски фудбалери направија голем чекор кон Лигата А и продолжување на борбата за пласман на Европското првенство.
















