Алкарас пред средбата со Фереро: Ќе му дадам голема прегратка

Карлос Алкарас
Фото: Oleg Yunakov / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Карлос Алкарас во Торино, пред завршниот турнир на АТП, проговори за повторната средба со поранешниот тренер Хуан Карлос Фереро, кој сега е дел од тимот на Бен Шелтон, пренесува Пунто де брејк.

„Нема да лажам, ќе биде малку чудно. Долго време не сме се виделе, но навистина се радувам што повторно ќе се сретнеме и ќе можеме да разговараме“, изјави шпанскиот тенисер.

„Како што реков во Париз, верувам дека ќе направи одлична работа со Бен. Убеден сум дека може многу да донесе во неговиот тенис и да му помогне да напредува како играч. Посебно ме радува што ќе го видам на клупата на Бен и што ќе видам кои делови од неговата игра ќе ги подобри“, додаде Алкарас.

„Затоа многу се радувам што ќе го видам тука, ќе разговараме малку, ќе се поздравиме и, пред сè, ќе му дадам голема прегратка“, рече Шпанецот. Фереро почна да работи со Шелтон во петокот, а Алкарас во сабота треба да тренира токму со Американецот.

Алкарас пристигна во Торино со завој на десното колено, по непријатноста што ја почувствувал во финалето против Шелтон во Париз, а поради стомачни проблеми предвреме го прекина и тренингот со Флавио Коболи. „Одиграв многу натпревари за малку денови, а некои беа особено напорни физички. Нормално е по толкав напор да се појават мали проблеми. Внимавам и се чувам. Се чувствувам добро“, објасни тој.

Шпанецот говореше на заедничката прес-конференција на четворицата тенисери од групата „Иван Лендл“, во која се и Данил Медведев, Коболи и Френсис Тијафо. Својот прв натпревар во групата ќе го одигра во понеделник, пишува Тенис темпл.

Третиот тенисер на светот отсуствуваше од април до август поради повреда на десниот зглоб, но по враќањето ги освои турнирите во Токио, Виена и Париз. „Освојувањето на овој трофеј би било огромен успех за мене. Работам многу добро и напорно тренирам за да пристигнам во најдобра можна состојба“, рече Алкарас, кој сè уште ја нема освоено титулата на завршниот турнир.