Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Хрватскиот селектор и актуелен тренер на Металург, Лино Червар во интервју за „Вечерњи Лист“ открива дека му биле потребни само десет минути за да открие колкав потенцијал лежи во херојот на Вардарци, Лука Циндриќ.
Червар го следел натпреварот помеѓу младите репрезентации на Хрватска и Франција на јуниорското Светско првенство во Босна и Херцеговина во 2013 година, и токму на него заклучил дека Циндриќ ќе биде идна голема ѕвезда на европскиот ракомет.
„Го гледав натпреварот помеѓу Хрватска и Франција на јуниорското Светско првенство. Тоа беше натпревар кој на крајот го изгубивме. Во еден момент во игра влезе Лука. Во десет минути видов се и заклучив дека треба да се следи. Беше низок, но го имаше тоа што ме привлече. Беше храбар, моќен и со прецизен шут. Мило ми е што погодив со процената.“- изјави Червар.
Екс селекторот на репрезентацијата на Македонија во истото интервју истакна и како успеал да го договори малиот Циндриќ да потпише за скопски Металург кој за многу брзо време го вивна во европската ракометна јавност.
„По полусезоната во Карловац луѓето кои ги задолжив да го следат имаа само пофални зборови за него. Кога во една прилика со Металург гостував во Загреб, одлучив да го повикам неговиот татко на состанок. Брзо се договоривме. Со Циндриќ сакав да го донесам и Вуко Борозан, но не сакав толку драстично да го ослабам Карловац, па затоа го донесов за една година подоцна. Сега Вуко е еден од најдобрите леви бекови во Европа.“– потенцираше Червар.
Истиот медиум пишува дека Лино Червар е пред крај со авантурата во Металург и наскоро целосно ќе се посвети во работата со хрватската репрезентација.