Австралиската џокејка Изи Нил почина на 22-годишна возраст, два дена по тешкиот пад на трката „Котон куп“ во Ворен, во западниот дел на Нов Јужен Велс, пренесува Ај-би-си.
Младата џокејка во неделата падна од коњот Марну на 400 метри пред целта на трката долга 1.600 метри и се здоби со тешки повреди на главата. По укажаната прва помош на самото место, со хеликоптер беше пренесена во болницата во Дабо, каде што остана во критична состојба до смртта во вторникот.
„Со длабока тага и скршени срца го објавуваме заминувањето на нашата сакана Изи, опкружена со најблиските семејство и пријатели. Изи јаваше коњи уште пред да проодува. Нејзината љубов кон коњите беше доживотна страст, која во последно време прерасна во љубов кон трките“, се наведува во соопштението на семејството.
Семејството соопшти дека Нил преку донирање органи ќе им даде шанса за живот на други луѓе, што им носи малку утеха во овие тешки моменти. Тие им се заблагодарија на медицинскиот персонал, на тркачката асоцијација на Нов Јужен Велс и на здружението на џокеите и побараа да се почитува нивната приватност.
„Талентирана млада џокејка со светла иднина. Страста на Изи кон коњите и трките секогаш ќе биде запаметена“, соопшти Австралискиот турф клуб.
Шестгодишниот коњ Марну беше еутаназиран поради повреда на предната нога. Во истата трка паднал и џокејот Диего Монтес де Ока, кој поради повреда на меките ткива на левото стапало беше пренесен во болница, од каде што подоцна беше пуштен, наведува Ај-еј-пи.
Седмата и последна трка од програмата во Ворен беше откажана по несреќата, а тркачкиот ден во Скоун во понеделникот беше одложен по договор меѓу организаторите, џокеите и тренерите.
„Зборовите не се доволни. Љубов и поддршка за нејзиното семејство“, напиша тренерот Ричард Фридман, еден од многуте луѓе од светот на трките што изразија сочувство.
















