ВАР ќе се прикажува на екраните на стадионите на Светското првенство

Снимките од спорните моменти за кои судиите ќе користат ВАР технологија за време на Мундијалот во Русија ќе бидат прикажувани и на големите екрани на стадионите.

И покрај критиките, видео асистентот ќе биде користен на Светското првенство и ќе треба да претставува една револуција во модерниот фудбал.

Еден од главните проблеми на ВАР системот е што навивачите на стадионите не можат да ги видат спорните моменти, но за тоа е најдено решение така што снимките ќе бидат прикажувани и на самите стадиони.

Видео технологијата оваа сезона е воведена во Бундеслигата и Серија А, а се користи и во англиските купови. Од ФИФА минатиот месец потврдија дека ВАР технологијата ќе биде користена и на Светското првенство.