Почина ирскиот боксер Ли Ривс, три месеци по нокаутот во Даблин

Боксерски ринг
Фото: sachab / Wikimedia Commons (CC BY 2.0)

Ирскиот боксер Ли Ривс почина на 31-годишна возраст, три месеци откако се здоби со тешки повреди во борба во Даблин, објави неговиот промотор Квинсбери, пренесува Би-би-си.

Ривс на 1 август во 3Арена се бореше со Гери Кали за испразнетата келтска титула на Ирскиот боксерски сојуз во суперлесна категорија. Во 10тата рунда двапати беше соборен и нокаутиран, а од рингот беше изнесен на носилка и пренесен во болница во критична, но стабилна состојба.

Тој беше опериран и оттогаш се наоѓаше во медицински предизвикана кома. Според локалните медиуми во неговиот роден Лимерик, на кои се повикува Скај спорт, за време на викендот добил инфекција која довела до неговата смрт во понеделникот.

„Сите во Квинсбери се потресени од веста за смртта на Ли Ривс. Ли беше исклучително талентиран боксер, но и вистински пример и инспирација за својата заедница“, се вели во соопштението на промоторите.

Ривс, познат по прекарот „Ел Чампо“, стана професионалец во 2018 година и победи во 16 од 18 професионални борби, од кои 11 со нокаут. Голем дел од почетокот на професионалната кариера го помина борејќи се во Канада и во Колумбија.

„Збогум, сине, спиј мирно, се бореше толку силно до крајот“, напиша на Инстаграм неговиот пријател и тренер Џонатан О Брајен. Кали, неговиот последен противник, напиша дека се познавале со години: „Каков карактер и џентлмен. Не можам да верувам дека го пишувам ова, почивај во мир, брате.“

Надвор од боксот, Ривс, чија мајка почина од самоубиство, беше амбасадор на организација за превенција на самоубиства во Лимерик, а во 2023 година учествуваше и во реалити-шоуто „Сарвајвор“ на Би-би-си.