Андреас Волф во 2028 година од Кил преминува во Гумерсбах

Голманот Андреас Волф
Фото: Max Petershans / Викимедија комонс (CC BY-SA 4.0)

Германскиот репрезентативец Андреас Волф, еден од најдобрите ракометни голмани во светот, од летото 2028 година ќе брани за Гумерсбах. Триесет и петгодишниот голман потпиша четиригодишен договор, кој ќе важи од сезоната 2028/29, објави Гумерсбах.

Волф има договор до летото 2028 година со Кил, за кој повторно настапува од 2024 година, објави Ен-Де-Ер. Тој веќе бранеше за Кил од 2016 до 2019 година, а потоа пет години беше член на полскиот Киелце. Кариерата ја започна во Гросвалштат и Вецлар.

„Тој е еден од најдобрите голмани во светот. Тоа што доаѓа во Гумерсбах е огромна работа за нас. Многу сме среќни што се одлучи за нас“, изјави идниот тренер на Волф, Гудјон Валур Сигурдсон.

Директорот на клубот, Кристоф Шиндлер, истакна дека станува збор за еден од најголемите трансфери во историјата на Гумерсбах. „Пред четири години игравме во втората лига, а сега стигнавме до европските натпреварувања и можеме да направиме трансфер за кој тогаш не смеевме ни да сонуваме“, рече Шиндлер.

Со Германија, Волф стана европски првак во 2016 година и освои бронзен медал на Олимписките игри во Рио де Жанеиро, а на Игрите во Париз во 2024 година ја предводеше репрезентацијата до сребрен медал. Во февруари годинава со Германија стана европски вицешампион, а на четири големи натпреварувања беше избран во идеалниот тим.

На клупски план освои четири титули во Полска, три германски купа и еден ЕХФ куп, а со Киелце играше во финалето на Лигата на шампионите во 2022 и 2023 година. Тој трипати беше прогласен за најдобар ракометар на Германија.

„Сè уште сум амбициозен ракометар и сакам со мојот тим да го постигнам максимумот. Гумерсбах има голем потенцијал и мислам дека затоа сум на вистинската адреса“, изјави Волф.

Гумерсбах сезонава двапати играше против Еурофарм Пелистер во Европската лига на ЕХФ, а битолскиот тим со пресврт го победи тогашниот лидер на групата, потсетува Дерби.